Донација на техничка опрема за средното стручно училиште „Коле Неделковски“, Велес 08.05.2018

 

Делегацијата на германското стопанство во Македонија, германската компанија Маркарт и општина Велес на 8 мај 2018 година организираа настан на кој свечено беше донирана техничка опрема за средното стручно училиште „Коле Неделковски“ од Велес. Средствата за техничката опрема како и за реновирање на простории за практична обука во училиштето беа обезбедени преку донации во рамки на релито „Европа-Ориент“ и преку компанијата Маркарт. Релито „Европа-Ориент“ се вози на релација Германија-Јордан, а учесниците пристигнаа во Велес на 8 мај и свечено ја предадоа техничката опрема. Опремувањето на училиштето ќе се одвива во вкупно три фази.    

"Со опремувањето и реконструкција на овие простории ќе се овозможи спроведување на програми за дуално образование, а со тоа учениците ќе се стекнат со практични знаења и вештини кои се барани на пазарот на труд", соопшти г. Патрик Мартенс, директор на  Делегацијата на германското стопанство во Македонија."Преку оваа донација се надеваме дека ќе помогнеме во едукацијата и остручувањето на многу млади луѓе од овој регион. Јас својата кариера ја започнав завршувајќи дуално стручно образование, а дури потоа станав инженер", изјави д-р Петер Шауман, поранешен менаџер на германската компанија Маркарт во Кина и учесник во релито.

Средба со претставници на средни стручни училишта, 04.05.2018, Скопје

 

На 04.05.2018 Делегацијата на германското стопанство во Македонија организираше работна средба со директори и професори од средните стручни училишта „Св Наум Охридски“ од Охрид, „Киро Спанџов-Брко“ од Кавадарци, „Ристе Ристески-Ричко“ од Прилеп, „Моша Пијаде“ од Тетово, „Коле Нехтенин“ од Штип како и претставници од Германската амбасада во Скопје. Целта на работната средба беше зајакнување на соработка во делот на дуално стручно образование како и подготовка на идни чекори и активности со стручните училишта во рамки на програмата Skills Expert.

Од септември 2018 планирано е основање на пилот-класови за образовниот профил „Техничар за индустриска мехатроника“ во регионите на Охрид и Кавадарци, при што посебно тежиште ќе биде ставено на практичната обука. За во иднина планирано е вклучување на средни стручни училишта и од други региони во програмата за дуално стручно образование

Средба со пратеници од германскиот Бундестаг, Скопје, 12.04.2018

 

На 12.04.2018 делегација на пратеници од германскиот Бундестаг предводена од г. Гунтер Крихбаум, претседавач со Комисијата за европски прашања во Бундестагот, и придружувана од амбасадорот на Сојузна Република Германија во Македонија, г. Томас Герберих, оствари средба со претставници на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

За време на средбата беше разговарано за економските односи помеѓу Македонија и Германија и за расположливоста на стручен кадар во Република Македонија. Економската соработка помеѓу двете земји значајно се зголемува година во година, а германските компании кои се присутни во Македонија вработуваат околу 20.000 лица. Пратениците од Бундестагот беа информирани за програмата на Делегацијата на германското стопанство во Македонија за дуално стручно образование „Skills Expert“, чија цел е зголемување на бројот на стручно образован кадар и задржување на младите во земјата. Преку оваа програма младите луѓе ќе имаат можност да се стекнат со знаења и вештини според германскиот модел на дуално стручно образование, а по завршување на нивното стручно образование да добијат соодветно работно место во Македонија.

Средба со градоначалникот на Велес, 03.04.2018, Велес

 

Тимот за дуално стручно образование на Делегацијата на германското стопанство во Македонија на 03.04.2018 оствари средба со градоначалникот на Велес, г. Аце Коцевски. На средбата учествуваа и претставници од компаниите Маркарт и Ронтис како и од средното стручно училиште „Коле Неделковски“ Велес. За време на состанокот се разговараше за поддршка на стручното образование во регионот преку основање на пилот-класови по германскиот модел на дуално образование како и за претстојното опремување на училиштето Коле Неделковски. Градоначалникот ги поздрави овие иницијативи и осигура поддршка на истите од страна на општината.  

Средствата за опремувањето на училиштето како и реновирањето на просториите за практична обука беа обезбедени преку донации во рамки на релито „Europa-Orient“ како и од компанијата Маркарт. Учесниците на релито ќе пристигнат во Велес на 8 мај и свечено ќе ја предадат техничката опрема на училиштето

Средба со претставници на компаниите Ронтис Македонија, Dietrich-Bau, ЛТХ Леарница, 29.03.-30.03.2018

 

На 29.03. и 30.03.2018 претставници на Делегацијата на германското стопанство беа во посета на компаниите Ронтис Македонија во близината на Велес, како и Dietrich-Bau и ЛТХ Леарница во околината на Охрид. Исто така беше остварена средба во средното стручно училиште „ОЕМУЦ Св. Наум Охридски“. Теми на разговор за време на средбите беа актуелната состојба во стручното образование во Македонија и недостатокот на квалификуван кадар на пазарот на труд. Во овој контекст беше разговарано за соработка на полето на дуалното стручно образование и потенцијален ангажман на компаниите во пилот-програма во регионите на Велес и Охрид од септември 2018. Преку имплементација на системски елементи на германскиот модел на дуално образование пилот-програмата треба да овозможи практична обука според потребите и лесен премин од училишната во деловната сфера.

Доделување на сертификатите од првиот курс AdA International во Македонија, Скопје, 27.02.2018

 

Во рамките на свечена церемонија што се одржа во новите простории на Делегацијата на германското стопанство во Македонија на 27.02.2018 беа доделени сертификатите од првиот курс AdA International во Македонија. На учесниците од компаниите ДММ Дрекслмајер, Маркарт, Костал, ОДВ-Електрик, Гентерм и средното стручно училиште Киро Спанџов-Брко, кои учествуваа на петдневниот курс и потоа успешно го положија завршниот испит, им беа доделени AHK/DIHK сертификати за обучувачи во компании според германски стандарди. За време на настанот официјално беа доделени и сертификати на членовите на Испитната комисија на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.  

Присутни на церемонијата беа гости од дипломатските претставништва во земјата, државните институции, приватниот сектор како и од Унијата на германски комори за индустрија и трговија (DIHK). Во иднина планирано е организирање на понатамошни курсеви AdA International.

Работни групи за дуално стручно образование, Скопје, 12.02.2018, 19.02.2018

 

Делегацијата на германското стопанство во Македонија организираше на 12.02. и 19.02.2018 две работни групи за дуално стручно образование.  Учесници беа претставници на компаниите Маркарт, ДММ Дрекслмаер, Костал и Ронтис. Цел на средбите беше анализирање на наставни планови од областа на мехатроника и машинска техника и развивање на предлог-модели за пилот класови кои би биле основани од септември 2018 година во повеќе региони во Македонија. Дополнително планирани се и работни средби на кои учество ќе земат и претставници од надлежните државни институции.

Средба со претставниците на Сојузното министерство за економија и енергетика (BMWi) и Комитетот на германското стопанство за Источна Европа, Скопје, 29.01.2018

 

Обезбедување на квалификуван кадар преку дуално стручно образование, странски инвестиции, и економски развој на регионот беа главните теми на разговор за време на повеќечасовната средба што се одржа во канцеларијата на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

За време на средбата со г. Хелге Толксдорф и г-ѓа Ања Маер од Сојузното министерство за економија и енергетика, задолжени за проширување на ЕУ и југоисточна Европа придружувани од г-ѓа Ања Квиринг, регионален директор на Комитетот на германското стопанство за Источна Европа беа претставени актуелната состојба и досега постигнатите резултати во рамки на програмата „Skills Expert“ на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

Регионална средба на Германските комори за индустрија и трговија во странство, Софија, 11.-12 јануари 2018

 

Финансиска одржливост, осигурување на квалитет преку воведување стандарди како и потенцијални шанси и ризици беа главните теми на регионалната средба за стручно образование и обука, која што се одржа на 11. и 12. јануари во Софија. За време на средбата Делегацијата на германското стопанство во Македонија беше претставена од г. Патрик Мартенс, г. Тобијас Боле и г. Дејан Чуповски. Притоа учество земаа и претставници од Германските комори за индустрија и трговија во земји од Централна и Источна Европа, во кои веќе успешно се спроведуваат концепти за стручно образование и обука или пак во кои поради големата побарувачка од страна на индустрискиот сектор постои голема потреба за квалификувани и стручни работници.

Понатамошни регионални конференции на Германските комори за индустрија и трговија во странство треба да придонесат за уште подлабока соработка на полето на стручното образование и обука, за разменување на искуства како и за претставување на докажани успешни практики.

Делегацијата на германското стопанство во Македонија го организираше првиот испит за обука на обучувачи според германски стандарди AdA International, 16.12.2017

 

На 16.12.2017 се одржа завршниот испит од првиот курс за обука на обучувачи AdA International во Македонија. Испитот што се одржа по петдневниот курс беше составен од теориски и практичен дел. Со тоа претставниците од компаниите ДММ Дрекслмајер, ОДВ-Електрик, Гентерм, Маркарт, Костал и средното стручно училиште Киро Спанџов-Брко пред независна испитна комисија полагаа испит за обучувачи според стандардите за квалитет на Асоцијацијата на германски комори за индустрија и трговија (DIHK).  

На успешните кандидати Делегацијата на германското стопанство во Македонија на свечена церемонија во февруари 2018 ќе им додели AHK-DIHK-сертификати.

Втора средба на Комисијата за средно стручно образование и обука, Скопје, 11.12.2017

 

Делегацијата на германското стопанство во Македонија на 11.12.2017 ја организираше втората средба на Комисијата за стручно образование и обука. За време на средбата претставниците од индустријата, државните институции, Германската амбасада и Делегацијата на германското стопанство во Македонија дискутираа за стручните профили за кои има најголема потреба во автомобилската индустрија, како и за можностите за поголема ориентираност кон праксата во стручното образование во Македонија.

Во овој контекст, г. Оле Фрам-Рајндел, германски експерт за стручно образование и обука, претстави три потенцијални модели кои ќе служат како основа и кои ќе може да бидат понатаму развивани, изменети и дополнети. За таа цел Делегацијата на германското стопанство во Македонија како следен чекор ќе основа работни групи во рамки на Комисијата за стручно образование и обука.

Обука на обучувачи – AdA International за прв пат во Македонија, Скопје, 11.12.-15.12.2017

 

Успешното имплементирање на системот на дуално стручно образование започнува и завршува со обучувачите, кои во овој процес играат клучна улога. За таа цел, Делегацијата на германското стопанство во Македонија во периодот од 11.12 до 16.12.2017 го организираше курсот „Обука на обучувачи“ – AdA International за прв пат во Македонија. Курсот го одржи г. Едвин Лемке, германски експерт со долгогодишно искуство во странство.

За време на шестдневниот курс претставници од компаниите ДММ Дрекслмаер, Маркарт, Костал, ОДВ-Електрик, Гентерм и средното стручно училиште Киро Спанџов-Брко беа обучувани за ментори/обучувачи во компании според стандардите за квалитет на Асоцијацијата на германски комори за индустрија и трговија (DIHK).

Тимот за програмата „Дуално стручно образование“ заедно со германски експерт во посета на компании и средни стручни училишта, 06.11.-11.10.2017

 

Во периодот од 06.11.-10.11.2017 тимот за програмата „Дуално стручно образование“ на Делегацијата на германското стопанство во Македонија заедно со германскиот експерт, г. Оле Фрам Рајндел, спроведе анализа на потребите на компаниите во областа на стручното образование и обука. За таа цел, за време на еднонеделниот престој на германскиот експерт за дуално образование беа посетени компаниите DMM Dräxlmaier, ODW-Elektrik, Kostal, Gentherm, Injection Moulding Prilep, Marquardt како и средните стручни училишта „Киро Спанџов-Брко“ во Кавадарци, „Коле Неделковски“ во Велес и „Св. Наум Охридски“ во Охрид. Покрај тоа беа организирани и средби со претставници на Центарот за стручно образование и обука и Стопанската комора на Македонија.

Преку своето долгогодишно искуство и ангажмани во странство, експертот ќе даде придонес за воведување на системски елементи од германскиот систем на дуално образование во Македонија

Прва средба на „Комисијата за средно стручно образование и обука“, Скопје, 30.10.2017

 

На 30 октомври 2017 се одржа првата средба на „Комисијата за стручно образование и обука“ која е основана од Делегацијата на германското стопанство во Македонија. Покрај претставниците на Делегацијата на средбата учество земаа и заменик-амбасадорот на Република Германија, г. Марко Акватичи, како и претставници на компаниите EVN, Injection Moulding Prilep, Gentherm, Marquardt, Kostal, DMM Dräxlmaier и на Центарот за средно стручно образование.

Комисијата им нуди на сите засегнати страни платформа за постојана и транспарентна дебата на теми поврзани со средното стручно образование и обука во Македонија

Средба со претставници на компанијата Кромберг и Шуберт, индустриска зона Жабени, 24.10.2017

 

Претставници на Делегацијата на германското стопанство во Македонија ја посетија компанијата Кромберг и Шуберт во индустриската зона „Жабени“. Кромберг и Шуберт е веќе 5 години во Македонија и произведува електронски и електрични системи за моторни возила. Компанијата моментално вработува 5000 лица, а оваа бројка во иднина треба да се зголеми.

За време на средбата двете страни разговараа за недостатокот на стручна работна сила во Македонија и за можностите за соработка на полето на стручното образование и обука. Во овој контекст, претставниците на Делегацијата на германското стопанство подетално ја претставија програмата „Skills Expert“ чија што цел е промовирање и унапредување на стручното образование во земјата. Со тоа програмата им помага на компаниите при обучувањето на квалификувани работници и придонесува за намалување на стапката на невработеност кај младите.

Делегацијата на германското стопанство во Македонија ги претстави позитивните ефекти од системот на дуално стручно образование, Скопје, 16.10.2017

 

На прес конференцијата организирана на 16.10.2017 од Стопанската комора на Македонија беше презентиран германскиот модел на дуално стручно образование кој што претставува комбинација од теоретските содржини што се изучуваат во училиштата и практична обука што се спроведува во компании. Како што нагласи Тобијас Боле, координатор на проектот за дуално стручно образование во Делегацијата на германското стопанство во Македонија, постои недостаток на стручен кадар во Македонија пред сè во автомобилската индустрија. Борис Тримчев од Стопанската комора на Македонија посочи дека токму недостатокот од дуално стручно образование е една од главните причини за високата стапка на невработеност кај младите во Македонија која што е речиси двојно повисока од просекот на Европската Унија.

Во врска со дуалното стручно образование Тобијас Боле го препорача така наречениот „златен триаголник“ кој што предвидува соработка помеѓу приватниот сектор, државните институции и училиштата.

Kick-off настан на програмата „Dual Training“ во Македонија, Скопје 27.09.2017

 

По повод официјалниот почеток на програмата „Dual Training“ Делегацијата на германското стопанство во Македонија организираше на 27 септември kick-off настан. На настанот присутни беа претставници од приватниот сектор како и претставници од државни и меѓународни институции, училишта, амбасади и фондации. Преку свои презентации учество земаа и заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, проф. д-р Кочо Анѓушев, германскиот амбасадор во Р. Македонија, неговата Екселенција г. Томас Герберих и претставничката од Германското министерство за економија и енергетика, г-ѓа Мартина Колберг. Програмата беше збогатена со презентации од претставници на компаниите ДММ Дрекслмаер, Маркарт и Костал, а настанот доби и значителна медиумска покриеност.

Покрај презентациите од гостите, еден од главните делови беше основањето на „Комисијата за стручно образование и обука“ која ќе биде координирана од Делегацијата на германското стопанство во Македонија. Комисијата, која се состои од претставници од приватниот сектор, школството и државните институции, ќе служи како платформа за отворена и континуирана дебата на теми поврзани со средното стручно образование во Македонија. За време на настанот свечено им беа доделени сертификати на членовите на Комисијата за стручно образование и обука, а Комисијата во иднина ќе биде проширена и со нови членови. 

Втора средба на тема „Стручното образование и обука во Република Македонија“, 04.09.2017, Скопје

 

Делегацијата на германското стопанство во Република Македонија организираше втора работна средба на тема „Стручното образование и обука во Република Македонија“. Покрај претставници од приватниот сектор на средбата учество земаа и претставници од македонското Министерство за образование и наука, Центарот за стручно образование и обука како и заменик-амбасадорот на Република Германија задолжен за економски прашања, г-дин Марко Акватичи.

Целта на средбата, која симболично со почетокот на новата школска година се одржа на 04.09.2017., беше на иста маса да се состанат различни групи на чинители и да дискутираат на теми поврзани со средното стручно образование и обука.

Со цел да овозможи платформа за континуирана и транспарентна дискусија на овие теми, Делегацијата на германското стопанство во Македонија планира на крајот на септември да основа тело за стручно образование во кое ќе членуваат претставници од политиката, школството и стопанството.

Средба со Министерката за образование и наука, проф. д-р Рената Дескоска, Скопје 29.08.2017

 

Претставниците на Делегацијата на германското стопанство во Македонија на 29.08.2017 остварија средба со македонската Министерка за образование и наука, проф. д-р Рената Дескоска. За време на состанокот беа претставени активностите на Делегацијата во рамки на програмата Skills Expert, а беше дискутирано и за можностите за соработка помеѓу Делегацијата на германското стопанство во Македонија и Министерството за образование и наука на полето на стручното образование. Освен тоа, двете страни ја нагласија потребата за промовирање и популаризирање на средното стручно образование. Преку стручното образование и обука на учениците треба да им се пренесат знаења и вештини кои се барани од работодавачите и со тоа значително да се придонесе за намалување на невработеноста во земјата. Во овој контекст, Министерката за образование и наука проф. д-р Рената Дескоска, изрази поддршка за активностите во рамки на програмата Skills Expert.

Како следни активности на Делегацијата на германското стопанство во Македонија на полето на стручното образование и обука планирани се основањето на „Тело за средно стручно образование“ кое ќе служи како заедничка платформа за сите интересни групи од политиката, економијата и образованието, како и организирањето на Kick-off настан на 27.09.2017. 

Средба помеѓу Делегацијата на германското стопанство во Македонија и австрискиот конзул, г-ѓа Габриеле Јанежич, Скопје 17.08.2017

 

За време на двочасовната средба главни теми на разговор помеѓу претставниците на Делегацијата на германското стопанство во Македонија и австрискиот конзул, г-ѓа Јанежич, беа економскиот развој, вработувањето и стручното образование во Република Македонија.

Германија и Австрија се едни од најголемите инвеститори во Република Македонија и земји со долга традиција со системот на дуално образование. Во тој контекст, австрискиот конзул го поздрави досегашниот ангажман во рамки на програмата „Skills Expert“ и најави поддршка за идните активности.

Средба со претставници на Швајцарската амбасада и MCEC, Скопје 15.08.2017

 

Претставниците на Делегацијата на германското стопанство во Македонија на 15.08.2017 се сретнаа со претставници од Швајцарската амбасада и MCEC (Macedonian Civic Education Center). За време на средбата беше претставена програмата Skills Expert, која започна во април 2017, и беше дискутирано за проектот на Швајцарската Конфедерација за развој на стручните вештини.

Притоа сите страни го нагласија образувањето на квалификувани кадри како есенцијален фактор за намалување на невработеноста во земјата. За таа цел планирана е идна соработка и координација на индивидуалните активности со што ќе се придонесе за унапредување на системот на стручно образование и обука во земјата.

Прва посета на компанијата Гентерм, Технолошко-индустриска развојна зона Прилеп 25.07.2017

 

Претставниците на Делегацијата на германското стопанство во Македонија на 25.07.2017 ја посетија компанијата Гентерм во Технолошко-индустриската развојна зона Прилеп. Погоните на оваа компанија во Македонија се протегаат на површина од  21.000m² и таму моментално се вработени 1000 работници. Во наредните неколку години оваа бројка двојно ќе се зголеми и со тоа оваа странска инвестиција ќе ја достигне сумата од 20 милиони евра.

За време на неколку часовниот состанок од страна на Делегацијата на германското стопанство  беше претставена програмата Skills-Expert и досегашните активности на полето на стручното образование. Освен тоа двете страни дискутираа и за разликите помеѓу теоретските содржини кои се изучуваат во училиштата од една страна и вештините кои се бараат на пазарот на трудот, од друга. Во овој контекст беше анализирана можноста за меѓусебна соработка преку која би се одговорило на проблемот со недостатокот на стручни работници во Р.Македонија.

Поставување камен-темелник на новиот германски инвеститор во Македонија, WIK, 11.07.2017 Прилеп

 

На 11. јули во Прилеп беше поставен камен-темелникот на новата германска инвестиција на компанијата WIK. По Gentherm и Injection Moulding Прилеп, WIK е веќе третата странска инвестиција во регионот. Инвестицијата е со вредност од 12 милиони евра и треба во следните пет години да отвори 1000 нови работни места.

По повод поставувањето на камен-темелникот претставникот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, господинот Тобијас Боле, одржа говор во кој изрази честитки за инвестицијата и воедно ја нагласи важноста на странските инвестиции за економскиот развој на Република Македонија. Преку отворањето на нови работни места, странските инвестиции им овозможуваат на луѓето да останат во својата земјата.

Боле се осврна и на предизвикот поврзан со обучување на квалификувани работници кои ќе соодветствуваат на потребите на пaзарот на трудот. Во тој контекст, Делегацијата на германското стопанство во Македонија преку програмата Skills Expert се залага за решавање на проблемот со недостатокот на квалификувани работници во Македонија и со тоа им помага на компаниите да најдат кадар кој соодветствува на нивните потреби.

Средба со приватниот сектор на тема стручно образование и обука во Македонија, 07.07.2017 Скопје

 

Делегацијата на германското стопанство во Македонија организираше на 07. јули 2017 средба со приватниот сектор на тема „Средно стручно образование и обука во Македонија“. На настанот учество земаа претставници на странските инвеститори во Македонија Костал, ДММ Дрекслмајер, Маркарт, ЕВН, како и заменикот на германската амбасадорка задолжен за економски прашања, господинот Марко Акватичи.

За време на работниот состанок подетално беше претставена програмата Skills Expert, која е финансирана од германското Сојузно министерство за економија и енергетика.Целта на програмата е поддршка на компаниите преку давање на услуги за дуално стручно образование и обука во склоп со германските стандарди. Во продолжение на средбата беа дискутирани потребите на фирмите во областа на стручното образование како и можностите за соработка со Делегацијата на германското стопанство во Македонија на тоа поле.

Втора заедничка средба со компаниите на која што ќе присуствуваат и претставници од државните институции е планирана за првата недела во септември

Средби со претставниците на ODW-Електрик и Костал Македонија на тема Дуално средно стручно образование

 

Претставниците на Делегацијата на германското стопанство во рамки на програмата Skills-Expert ги посетија германските фирми во Македонија ODW-Eлектрик и Костал Македонија.

За време на средбите од страна на претставниците на двете компании беше нагласена потребата кај работодавците од образовани стручни работници. Факторот квалификана работна сила не само што e од исклучително значење за странските компании кои веќе се присутни во Македонија, туку може да придонесе и за привлекување на нови странски инвестиции. На овој начин ќе се придонесе за намалување на високата стапка на невработеност, која е особено застапена кај лицата помлади од 30 години. Со тоа би се постигнал позитивен ефект врз македонската економија, а на младите лица би им се овозможиле добри услови за останување во земјата.

Важна улога за ова игра доброто образование кое на младите ќе им овозможи да се стекнат со стручни знаења и вештини кои се барани на пазарот на трудот. Во овој контекст претставниците на Делегацијата на германското стопанство и компаниите ODW-Eлектрик и Костал Македонија ја анализираа можноста за интегрирање на елементи од германското дуално стручно образование во македонскиот образовен систем. Како продолжение на средбата во Костал Македонија беше организирана и посета на средното стручно училиште „Св. Наум Охридски“ во Охрид и средба со директорот на училиштето на која што главна тема беше зголемувањето на уделот на практичната обука во образованието.

Во овој контекст, Делегацијата на германското стопанство планира на почетокот на септември да основа Тело за средно стручно образование, кое ќе служи како заедничка платформа за сите интересни групи од економијата, политиката и образованието.

Службено патување на Делегацијата на германското стопанство, Загреб 23.-24. мај 2017

 

За време на дводневното службено патување беа остварени средби со претставници на Германската асоцијација на стопански и индустриски комори, на Хрватско-германската стопанска комора и на  Делегацијата на германското стопанство во Босна и Херцеговина. Главна тема на средбите беше дуалното стручно образование во овие земји, потенцијалните шанси и предизвици, како и можностите за соработка.

Претставниците на Делегацијата на германското стопанство во Македонија исто така учествуваа на форумот „Дуално стручно образование во Хрватска“ и преку тоа имаа можност да добијат увид во ситуацијата и искуствата на една земја-членка на Европската Унија на полето на дуалното стручно образование.

Во втората половина на месец септември Делегацијата на германското стопанство во Македонија ќе организира Kick-Оff настан на кој учество ќе земат високи претставници од политиката, образованието и приватниот сектор. 

Панел дискусија помеѓу претставници од политиката, стопанството и образованието на Форумот за дуално стручно образование, Загреб, 23.05.2017

Средба со претставниците на DMM Dräxlmaier и Marquardt Македонија ДООЕЛ

 

Во рамки на програмата Skills-Expert за дуално средно стручно образование, која беше започната во април 2017, претставниците на Делегацијата на германското стопанство во Македонија ги посетија компаниите DMM Dräxlmaier и Marquardt Македонија ДООЕЛ. За време на средбите беше дискутирано за актуелната состојба на стручното образование во Македонија како и за можноста за продлабочена соработка на ова поле помеѓу Делегацијата на германското стопанство во Македонија и германските инвеститори.

Двете фирми важат за пионири во областа на дуалното стручно образование и обука во Македонија. Целта на овој во Германија популарен образовен систем е поврзување на теоретските содржини кои се изучуваат во училиштата со практичен пристап. Тоа се изведува преку спроведување на образовните процеси во училиштата и во специјалните работилници на компаниите, при што на обучувањето во компаниите се придава големо значење. Со тоа на учениците кои се обучуваат им се овозможува да се стекнат со стручни знаења и вештини како и со прво работно искуство.

Претставниците на Делегацијата на германското стопанство во Македонија и компаниите DMM Dräxlmaier и Marquardt Македонија ја нагласија се поголемата потреба од квалификувана работна сила и дискутираа за можностите и предизвиците за понатамошен развој на стручното образование во Македонија по терк на германскиот модел на Дуално образование.

Во овој контекст, Делегацијата на германското стопанство во Македонија планира понатамошни разговори, основање на Тело за стручно образование како и засилено интегрирање на приватниот сектор.

Ученици од средното стручно училиште „Киро Спанџов – Брко“ во работилницата за обука на ДММ Дрекслмајер, Кавадарци, 25.04.2017

Контакт

Тобијас Боле

Координатор за дуално средно стручно образование

Скопје

+389 2 329 67 86
+389 2 329 67 90
Write an e-mail

Дејан Чуповски

Проектен асистент за Дуално средно стручно образование

Скопје

+389 2 329 67 86
+389 2 329 67 90
Write an e-mail